VITA RES

from

RESEN

(processing of fruits & vegetables, production of concentrates, purees, and frozen apple cubes)

+38975421259

Колумна

Тиква-симбол на чудесната природа!

Иако не изгледа баш репрезентативно, а за неа се врзани повеќе поими што значат глупост, празна глава, недостиг на инелигенција, тапост, тиквите ни оддалеку не се она што во жаргонот се сметаат. Од нив се јаде буквално се, вегетаријанците ги таманат како алва, таа е продукт со малку калории, значи - идеална за диета, а истовремено и одличен извор на витамини, особено на бетакаротин

Едногодишната зелеста лоза – тиквата од родот Cucurbita, е меѓу најстарите култивирани растенија на светот. Со своите деведесет видови и дури деветстотини различни родови, поинакви по својата големина, форма, тежина, боја, вкус, тиквите се - без дилема - симбол на чудесната природа. Бидејќи во конечната големина израснува само за десетина дена, тиквата истовремено е симбол и на брзината, тежината и силата која го создава светот. Би било грешка да се зборува само за нутритивните аспекти на овој плод, од едноставна причина што тиквата има извонредна важност и во уметноста, јазикот и забавата!
Тиквите потекнуваат од тропските зони на Африка, Источна Индија и Јужна Америка. Многубројните археолошки наоѓалишта во Мексико и во Перу сведочат дека старите американски народи ги одгледувале уште пред 4.000 години. Во Рим, од крајот на првиот век пред новата ера па се до третот век од оваа ера, тиквата била симбол на едноставен облик. Била евтина, сметана е за здрава храна, која се подготвувала на многу различни начини. Тиквата која најпрво била само варена, со текот на времето и со додавањето на различни зачини станувала вистинско гастрономско уживање. Таа го заземала своето место во сосовите, се подготвувала пржена на делчиња или како пире што се служело како прилог со пилешкото месо. Зимската жолта тиква, која на овие простори и најмногу се користи, стигнала во Европа во текот на 17 век од Јужна Америка. Денес, покрај тоа што се користи во сите познати светски кујни како незаменлив прехранбен артикл, тиквата - како на пример кај нас - е синоним за глупавост и тапост, а народните мудреци измислиле и една често употребувана изрека: кој со ѓаволот тикви сади, од глава му се кршат. Во Париз постои традиција секој октомври да се одржува фестивал на тиквите, на кој се избира и крал. Во Америка, покрај тоа што е позната за приготвување на “пампкин пај”, што во превод значи пита од тиква, овој плод се претвора и во страшило, за време на маскенбалот познат како “халовин”, што е пандан на нашата прочка.

Еден месец по засадувањето на тиквите се појавуваат истовремено машки и женски цветови. Но многу малку од нив ќе се претворат во плод. Жолтите тикви - кои на овие простори се и најпопуларни - се берат кога целосно ќе созреат, а тоа се случува при крајот на летото или во почетокот на есента. Тиквите за печење најдобро успеваат на длабоки, плодни и влажни почви со многу органски материи. Тие не сакаат многу полевање затоа што плодовите ќе станат покрупни но посиромашни со шеќери. Месото на тиквите, во зависност од видот, може да има беложолта, жолта, портокалова, портокалово-црвена боја, а вкусот варира од неутрален до сладникав, со специфичен пријатен мирис.
Од тиквите се јаде се освен кората. Се јадат и семките, кои се печат со сол и се исклучително добра занимација - порано за во киносалите, а сега за фудбалските натпревари и ретките циркуски претстави. Се јадат и листовите, кои во некои источни кујни се приготвуваат испржени на масло или се додаваат во чорби. Исклучително се вкусни - велат оние кои пробале - и цветовите (без оглед дали се машките или женските), иако последниве се многу покалорични. Се подготвуваат пржени, некаде се послужуваат полнети со несолена сардина или со парче од моцарела. Може да се јадат како салата или како додаток на ризото и на чорба од зеленчук.
Тиквата е продукт со малку калории, која брзо заситува, а идеална е за оние кои сакаат да ја намалат својата телесна тежина. Богата е со витамини, особено бетакаротинот, но и со други антиоксидантни и антитуморни супстанции. Изобилува и со минерали, но има и значително количество на аксорбинска киселина (витамин Ц). Во Мантова во почетокот на минатиот век, за време на епидемијата на колера, многумина му се приклониле на традиционалниот начин на исхрана и диети со месо од тиква. И традиционалната кинеска медицина ги признава диуретските и смирувачки дејства на тиквата при кашлица и бронхијална астма.
Првите тикви на пазарите кај нас се појавуваат во јуни. Во текот на летото константно се присутни тиквичките за пржење или полнење, кои кај нас се најпопуларни подготвени со оцет, лук и магданос. Со почетокот на есента може да се најдат таканаречените тикви-лејки, кои се сушени и имаат единствено визуелен, односно украсен ефект. Некои од сортите тикви, исто така сушени, се користат и како музички инструменти.

Рецепти

Постојат неколку подготовки кои им претходат на варените јадења. Од сварената и испасирана маса се добива база со која подоцна се полнат торти, пити, тестенините – њоки, суфлеа... Исечената тиква се вари во врела вода, која подоцна може да се искористи за подготвување на чорби и супи бидејќи изобилува со витамини. При печењето на парчињата тиква во рерна потребно е одоздола да се стави фолија која ќе ги собира соковите. Во повеќето интернационални готвачи се препорачуваат ароматични растенија кои може да се комбинираат со тиквите: црн пипер, морско оревче, рузмарин, жалфија, лавров лист, оригано, мајчина душичка, босилек - за солени, и цимет, каранфилче и џумбир за слатки јадења.
Парижаните имаат специфичен рецепт за правење мармалад, што таму се нарекува ангелски. Тиквите се лупат и се сечкаат на коцкички. Се варат во солена вода околу еден час за да омекнат. Коцките се цедат, се пасираат за да се добие изедначена маса. Добиената каша се меша со исто количество мед од багрем и се остава да отстои 24 часа. По желба се додава цимет, кора и месо од портокал, малку кора од лимон, а потоа се вари триесетина минути. Жешкиот мармалад се полни во тегли кои се пастеризираат околу половина час во рерна на 80 до 90 Целзиусови степени.

Благородна Абрашева Ноциќ

VITA RES

from

RESEN

(processing of fruits & vegetables, production of concentrates, purees, and frozen apple cubes)

+38975421259

© 2019 Cyber Green Market LLC