
VITA BRE
nga
RIJENI
(përpunimi i frutave dhe perimeve, prodhimi i koncentrateve, pureve dhe kubeve të mollëve të ngrira)
+38975421259
Колумна
Кромид – лук: Истерувачи на ѓаволи!
Без него не може да се замисли една вистинска десетка од кај Дестан, на пример, не може да се направи ни запршка за манџа и, иако “тера на плачење”, кромидот е составен и неминовен дел на сите ценети светски кујни! Неговиот близок роднина - лукот, не само што е основна состојка на многу гастрономски специјалитети туку е и неопходен зачин, некои го сметаат за заштитник против уроци, амајлија против вампири и вештерки, а нутриционистите тврдат дека е една од најлековитите билки во природата, скратено - “лек за сите болести”

На искусните домаќини им е познато дека на есен кромид се купува во вреќи, за разлика од сега кога се продава во врзопчиња. Лукот може да се најде во две варијанти: на кило или нанижан на ортомче, кое се обесува во шпајз или најчесто на балкон, заедно со лутите суви пиперки. Кромидот е растение кое сите народи го сметаат за свое. Од тоа и може да се заклучи неговото значење како во исхраната така и во народната медицина. Во времето на фароните кромидот го заземал своето место како растение за балсамирање, а лекарите го препорачувале како лек за многу болести - од обична кивавица до одлична превентива за смртоносната и застрашувачка колера. Во негово време Хомер кромидот го опишувал како билка која поседува огромна исцелителска моќ. Кромидот кај Византијците служел и како средство за инспирација во градителството.
На наштето поднебје кромидот е основа за сите готвени јадења. Земјоделците кои работат на нивите секогаш го носат со себе, заедно со еден сомун и неколку ореви, знаејќи од памтивек дека оваа комбинација ќе им даде доволно енергија да го издржат напорниот ден. Напролет и налето, зелените перца на кромидот се извор на фотонциди. Поради присуството на витаминот Ц (100 грама кромид ги задоволува дневните потреби на човекот), кромидот одамна е познат и како одличен лек против скорбут.
Кромидот, како и лукот, важи за природен антибиотик, а неговите лековити својства се одамна признати и во модерната медицина. Консумирањето на свеж кромид е лек против цревните паразити, кромидот сварен во млеко се користи како средство за лекување на цревни болести, болки во матката, покачен крвен притисок. Во комбинација со мед е одличен лек против кашлица и артериосклероза. Сварената лушпа од кромид ја зголемува потенцијата кај мажите, а сокот од исцеден кромид се користи при хемороиди, запек, бронхитис, а се смета и за одлично природно средство против опаѓање на косата. Сепак, консумирањето кромид не се препорачува за лицата кои имаат бубрежни, срцеви заболувања или пак проблеми со желудникот и црниот дроб.

Лукот е едно од првите култивирани растенија во историјата. По потекло е од Азија, а египтолозите тврдат дека главици лук биле пронајдени и во гробот на Тутанкамон. Египетските робови за време на градењето на пирамидите консумирале исклучиво леб, лук и вода. Грчките атлетичари го користеле за зголемување на отпорноста на организмот (може да се нарече претходник на допингот!), во Библијата се споменува како вообичаена исхрана на хебрејските и другите народи, Римјаните му припишувале афродизијачки својства, а егзорцистите и денес не го симнуваат од вратот! Значи, лукот има многу намени! Индијците и сега веруваат дека лукот има својство да лекува точно 222 болести. Модерната медицина не го оспорува огромното значење на лукот. Она што е аспиринот за официјалната медицина, тоа е лукот за фитотерапијата.
Од најрани времиња лукот се користел како мевлем за рани, лек против инфекции и тумори, средство против цревни паразити. Го намалува нивото на холестерол во крвта, го снижува крвниот притисок, го намалува ризикот од срцев и мозочен удар, а има речиси исти својства врз бактериите како антибиотик! Лукот е еден од најмоќните антиоксиданси и го спречува формирањето на канцерогени клетки. Едно чешне лук има антибактериско дејство еднакво на концентрацијата на пеницилин од 1 отсто. Содржи селен, витамини А и Ц, сулфурни компоненти... Уште во 40-тите години на минатиот век научниците почнале да го проучуваат хемискиот состав на лукот и неговите антиканцерогени својства. Ова растение го спречува создавањето на канцерогени клетки. Лукот се користи и како средство за лекување на инфекциите на горните дишни патишта, на дијабетесот, на инфекциите на уринарниот тракт, акните, астма, артритисот и чиревите.
Во Јапонија – земјата во која лукот најмногу се произведува и троши (зачудувачки, тоа е земја со најмал процент на заболени од канцер), го сметаат за храна на иднината. Лукот го обожаваат и го презираат истовремено. Првите поради неговиот мирис, а вторите порадси неговата - смрдеа! Нутриционистите и пасионираните кулинари со право се прашуваат дали без мирисот, лукот би бил тоа што е и дали би имал душа?
Занимливости
- Во стариот Рим гладијаторите јаделе лук за да бидат посилни и подготвени за борба
- Чикаго го добил името по зборот што го користеле Индијанците за лукот а растел и во дивина, особено околу езерото Мичиген.
- Во Стокхолм постои ресторан во кој се служат исклучиво јадења со лук. Сличен ресторан постои и во Сан Франциско, а специјалитетот е - сладолед од лук!
- Поклоници на лукот се Аристотел, Елеонора Рузвелт, Плиниј, Хипократ, Мојсеј, Аристофан, Хомер, Нерон...
- Чешне лук згмечен во аван има десет пати појака арома и вкус од оној ситно исечкан со нож.
- Лукот ги брка кртовите од градините.
- Римскиот историчар Плиниј забележал дури 61 употреба на лукот во медицински и магиски цели: плашење на вампири, лекување на настинки и брадавици, ги симнува уроците, ја подобрува циркулацијата, лекува ќелавост...
- Лукот за време на Втората светска војна бил користен како антисептик.
Благородна Абрашева Ноциќ
